Реформ 5 започнува нов проект насочен кон истражување на ставовите, очекувањата и приоритетите на младите во однос на економската иднина на Северна Македонија.
Младите се еден од најважните ресурси за долгорочниот економски и општествен развој на земјата. Нивните знаења, вештини, идеи и очекувања треба да бидат значаен дел од процесите во кои се креираат економските, образовните и политиките за пазарот на труд.
Сепак, ставовите и потребите на младите не секогаш се доволно застапени во креирањето на јавните политики. Токму затоа, Реформ 5 го започнува проектот „Гласот на младите за економската иднина на Македонија“, со цел преку истражување и јавен дијалог да обезбеди подобар увид во нивните потреби, предизвици и очекувања.
Проектот ќе се фокусира на неколку клучни прашања: економските можности и перспективи за младите, квалитетот и релевантноста на образованието, вработувањето и условите на пазарот на труд, како и влијанието на дигитализацијата и новите технологии врз идните професии и работни места.
Истражување: што очекуваат младите од економската иднина?
Првата фаза од проектот опфаќа онлајн истражување преку анонимна анкета наменета за млади лица на возраст од 18 до 29 години од Северна Македонија.
Целта е да се соберат ставови и искуства од млади лица, со различни образовни профили, работни статуси и места на живеење.
Истражувањето ќе овозможи да се идентификуваат:
• Главните економски и социјални предизвици со кои се соочуваат младите;
• Нивната оценка за квалитетот на образованието и неговата усогласеност со потребите на пазарот на труд;
• Очекувањата во однос на вработувањето, професионалниот развој и можностите за напредување;
• Интересот и подготвеноста за дигиталната економија, вештачката интелигенција и новите технологии;
• Мерките и политиките што младите ги сметаат за најважни за подобрување на нивната економска перспектива.
Пополнувањето на анкетата е анонимно, а добиените податоци ќе се користат исклучиво за истражувачки и аналитички цели.
Од ставови до конкретни препораки
По завршувањето на истражувањето, резултатите ќе бидат анализирани и преточени во документ за јавни политики (Policy Brief), кој ќе содржи конкретни препораки за подобрување на политиките поврзани со младите, економијата, образованието и пазарот на труд.
Предвидена е и јавна дискусија на која младите ќе имаат можност непосредно да ги претстават своите ставови пред експерти, претставници на институциите, бизнис-заедницата и граѓанските организации.
Резултатите од истражувањето ќе бидат презентирани и преку инфографици и комуникација на социјалните медиуми, со цел наодите да станат достапни за пошироката јавност и да поттикнат аргументирана дебата за економската иднина на земјата.
Целта не е само да се утврди што мислат младите, туку нивните ставови да се претворат во конкретни предлози и препораки за јавни политики.
Реформ 5 смета дека економската иднина на Македонија не може да се планира без активно учество на генерациите кои ќе ја создаваат и живеат таа иднина.
Проектот е поддржан од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), во рамки на програмата „Мали развојни иницијативи“