На конференцијата „Future Shift: Економија, технологија, млади“, во организација на РЕФОРМ5 беа отворени важни прашања за иднината на младите и предизвиците со кои секојдневно се соочуваат.
Истражувањето презентирано од проф. Софија Георгиевска покажа загрижувачки податоци: голем дел од младите за совети и поддршка за своето ментално здравје се обраќаат на интернет и алатки за вештачка интелигенција како ChatG
PT, најчесто поради анонимноста и лесната достапност.
Дополнително, повеќе од половина од младите не посетуваат психотерапевт бидејќи не можат финансиски да си го дозволат, додека многумина избегнуваат стручна помош поради срам, стигма и страв од осуда.
Менталното здравје не смее да биде табу тема. На младите им е потребна подостапна и посистемска поддршка, а семејството, училиштата, пријателите и младинските организации треба да бидат дел од мрежата што ќе обезбеди безбедна средина за разговор и помош.
Грижата за менталното здравје на младите не е само здравствено прашање – тоа е инвестиција во иднината на државата и предуслов за здраво, продуктивно и отпорно општество.

